Еднаш додека низ градот бесцелно талкав,
минувачи двајца сум ги бутнал ко за смеа,
в милиција се оправдав за случката жалка
и таму ја видов - и направо умрев по неа.
Не знам за што таа таму точно дојдена беше,
па така претпоставив дека пасош ќе да вади -
беше млада и прекрасна и веднаш бев решен
да ја следам и да ги освојам нејзините гради.
Појдов по неа и запомнив каде точно седи
па иако ко уличен гамен животот го минам,
се напив за храброст и со уста што меди,
ја поканив в ресторан на вечеричка фина.
По улица, таа на машките се насмевнуваше,
мене љубомора ме камшикуваше сообразно:
на еден му опнав ќотек зашто му следуваше -
ишарет ѝ направи намигнувајќи безобразно.
Потоа, со кавијар залчиња в уста ѝ ставав,
како потоци истекуваа парите од џебот мој,
па и на музикантите многу порачки давав -
ја дотеравме и до «Еден бакнеж, песни рој!»
Ѝ ветував до небо, дека таа е мој свет грал,
се чудев како досега еден без друг сме могле,
- дека пет дена веќе не сум апашкиот крал
бидејќи таа ми станала љубов на прв поглед.
Ѝ зборував дека без неа животот ми е нула,
се дотерав дур до солзи, грло ми се стегна,
а таа ми рече дека поубава беседа не чула
и дека за пари може веднаш да ја легнам.
Ми зовре горчина во крвта, изгубив сила
и на птицата ѝ акнав само една шлаканица,
бидејќи мојата љубов на прв поглед била
приведена курва во милициската станица.
|