Послушајте ја сите песничкава куса,
ви ја раскажувам јас, папагалот гусар.
Роден сум во илјада и некоја година,
во тропски предели е мојата родина,
од татко какаду-папагал по име Орел
ама неписмен а и никогаш не зборел.
Но наскоро во идилата доживеав стрес,
ме слови траперот Фернандо Кортес,
а татко ми не повте да понуди откуп,
му текна за тоа, не беше до толку глуп,
ама за зборењето си беше ептен труп.
И тогаш, поучен од немоќта на тате стар,
три збора научив од човечкиот репертоар:
«Карамба!» «Коррида!» и «Ѓавол да те земе!»,
ги повторував и така го арчев моето време.
Послушајте ја сите песничкава куса,
ви ја раскажувам јас, папагалот гусар.
Еднаш бура бродот речиси го здроби
а животот нова јазична насока доби:
англиски брод нападна за да нѐ плени
но се браневме од гусарите-џентлмени.
Со борба гради-в-гради тие се пробија,
па покрај морнарите и мене ме заробија
но ме третираа како гулаб од епифанија,
тоа Англичаните не беа ситна боранија
оти по цел свет е гусарската Британија.
Поткуп ми нудеа, за јас, кралскиот какаду,
по нивно да ги поздравувам со «хаудујуду»
ама за инат верглав, нека им биде бреме:
«Карамба», «Корида» и «Ѓавол да те земе!»
Послушајте ја сите песничкава куса,
ви ја раскажувам јас, папагалот гусар.
Со гусари јас минав цел век и ете беља,
едно пијано капетаниште, ачик сељак,
ме продаде за грош оти сум го заморувал,
а јас тајно веќе неколку јазици зборував!
Турскиот паша на газ падна кога реков:
«Селам, сета среќа твоја да е од веков!»
И се гордееше кога пред неговата свита
почнав на арапски да пишувам и читам
а како капак на сето, и икебана да китам.
Ебаго, Индија сум ја видел, Иран и Ирак,
индивидуа сум јас а не папагалски чирак!
А кој не ми верува, од заостанато е племе:
Карамба, Корида и ѓаволот нека го земе!
|