Во неделниот ден во туѓи џебови не брцам,
одмарам, тоа ми е едно од правилата златни.
Но, тогаш не одмараат милициските срца
и ме приведоа, велат сум бил Повратник.
«Аман, не се пали, другар милицај,
па во лична карта Сергеев ми стои!
И нема Повратник во нашиов крај,
а и кој воопшто е тој, немам поим!»
Иако беше неделен ден, цајканите не дремат,
си сакаат високо место на списоците платни:
ако го натфрлат планот, награда им се спрема
ама највредно било ако го фатат Повратник!
Со уважување ми пресекоа мисли матни,
љубезно цигара нудат, ме галат по глава,
ме убедуваат дека јас сум тој Повратник
и тоа презиме на записникот да го ставам!
Недела беше, сонцето зјаеше како безделник,
и сите луѓе - кој со другари, кој со фамилија;
а јас притеснет како во најтажен понеделник
при цајкански мајор чии амбиции се осилија.
Се напиња, му набрекнале жили вратни
зашто колку пати сум суден не сум броел!
Ме заговара дека сепак сум Повратник
иако реков дека Сергеев е презимето мое!
Беше топла недела, пот лиеше од нашите кожи,
а мајорот беше вешт и за математика се фати:
нешто пролистува, го собира а потоа и множи -
испадна дека досега сум бил суден десет пати!
Ме победи началникот, задоволно се смее,
му се исплатија напорите многукратни:
пишав дека иако презимето ми е Сергеев,
во струката сум познат како Повратник!
Недела беше и иако најникаков ми беше алот
на тој ден сепак секогаш ќе се сеќавам радо:
државниот план за борба против криминалот
го поддржав и мој скромен придонес дадов!
|