Јас работев како бравар, класа шеста,
во главава ме буцкаше некаква хемија:
платата ја арчев на чадлосани места,
а згора на тоа и кварталната премија.
Кога пиеш, вие секако знаете и сами,
треба да си ко добро наполнет казан:
во Москва имав две жени, ѓоа-дами,
покрај мојата венчана жена од Рјазан.
За Рјазан праќав троа пари и пакети,
но ѓоа-дамите беа главното арчење,
со нив секоја вечер беше тури-гнети,
пијанство, мамурлак, едно мачење.
Гледам јас дека здравјето не го бива,
за бракот скандал, угледот мој партал,
силите копнат, сум станал сува слива,
едино премијата крепи секој квартал.
Модар, брчкосан, лице ми се сломило,
им кажав без зборови, гестикуларно:
шипинки за вас, здравјето ми е помило,
барајте други фраери за да ви е арно.
Ах, кога тие би знаеле колку ми е ќеф,
па јас сум ја извлекол добитната карта!
Платата сам си ја испивам, и не е грев,
исто правам со премијата секој квартал!
|