Каде и да се денам, каде и да втиснам душа,
зад мене е пес, Судбата моја, беспомошна лази.
Ја бркам со камења, но таа колена ми гушка
со очи ококорени, ме лигави со исплазен јазик.
Со неа е мачна врева,
јас стресен темнеам
и со устата немеам
но ми кркорат црева.
Станав слеп при очи,
утробата ми се кочи,
да живеам не умеам,
не сакам ни да пеам.
Зар сум старечка фела
па дошол ред да платам?
Нека дојде мојот џелат,
на бесилка да се клатам.
Сто пати се зареков, Судбата ќе ја буткам в кал,
а таа, гладната, ми се умилкува и тивко вие;
започнав да ја прихранувам Фортуната, од жал,
оти, кога ќе се насити, секогаш подолго спие.
Тогаш јас лумпувам и арчам,
на дрвени кукли се радувам,
кривулкам, ко прч се перчам
и небото дури го зачадувам.
Но пазам песот да нема мака
и сам завивам за да ми лекне,
за било што кое душа ми сака
и секогаш кога ќе ми текне.
А како стар, глава ќе сведнам
ќе чукнам на џелатовата врата,
ќе молам да ме обеси веднаш,
за сѐ погрешно јас да платам.
Но има дни кога главава пеколно ќе си ја збунам,
та и Судбата, исплашена, бледа, гледа како зјаам -
откако, за кураж, вино налеав во мојата Фортуна,
не ни мине ден без чашка а стално мрмори таа:
«А закуски нема ниту залак!
А во Њујорк сѐ ќе беше гала!
Со кавијар таму си се крмат,
ќе одев во крзно и во срма!»
А јас, опинци од свинска кожа,
Судбата на кркач си ја носам,
ридови и долови ни се ложа,
таа е пијаница со кој просам.
Иако не остарев, глава веднам
тропнувам на џелатовата врата,
го молам да ме обеси веднаш,
за сѐ погрешно јас да платам.
Еднаш, случајно на Судбата и преналив вино,
и милата таа, препи, се преобрази, бес сјари,
Фатум стана, проста и безобразна, ко од кино,
ми се нафрли одзади и заби в шија ми зари.
Бегајќи од неа постојно викам,
«Немој за шија, немој за шија!»
Пребледен, сакам да се скријам,
во ѓаволска дупка да се спикам.
Ми претежнало веќе од неа,
така веќе не можам да пеам,
морам да барам некое чаре
за без неа пак да бидам арен.
Смислив излез од случката бедна
ќе чукнам на џелатовата врата,
ќе го молам да ја обеси веднаш,
а за тоа јас двојно ќе му платам.
|