Наложи ми ја бањата, усвити до бел жар,
од бел свет сум одвикнат вечност цела,
да се угорам, и јас страден да имам ќар,
да ми го разврзе јазикот пареата врела.
Наложи ми ја бањата, стопанке мила,
да се вивнам, да ја стопам оваа ганѕа,
на дрвената клупа, до последна сила,
да истребам секое сомнение и јанѕа.
Го разбирам срамот и неприличноста,
црпалка ладна вода на грб ќе си сипам,
ќе се види знак од култот на личноста,
заради вождот тетовиран не ќе липам.
Наложи ми ја бањата, усвити до бел жар,
од бел свет се одвикнав има вечност цела,
да се угорам, и јас страден да имам ќар,
да ми го разврзе јазикот пареата врела.
Колку маки и патеки се поминати од нас,
колку вери и кории се исечени до корен,
а над десната града Маринка е во анфас,
над левата, профил на Сталин истопорен!
Ех, за мојата пожртвувана вера и служба
колку ли години јас во рајот ќе се шетав!
Но, се променив, ја растурив таа дружба,
штом пуштив глупоста во мене да влета.
Наложи ми ја бањата, усвити до бел жар,
од бел свет се одвикнав, има вечност цела,
да се угорам, и јас страден да имам ќар,
да ми го разврзе јазикот пареата врела.
Си спомувам, на брат ми тоа утро рано
успеав да му кажам моите да ги чува,
а двајца преубави стражари, по планот,
ме поведоа во Сибирската тајга глува.
Потоа, в каменолом ил’каде и да било,
голтајќи солзи мешани со горка слина,
до срце го дупчевме Сталин-профилот,
да може да чуе како срцата ни се кинат.
Наложи ми ја бањата, усвити до бел жар,
од бел свет се одвикнав, има вечност цела,
да се угорам, и јас страден да имам ќар,
да ми го разврзе јазикот пареата врела.
Ох, ме тресе помислата на времето гадно,
но пареата ми ги брка мислите за тие дела.
Од маглата на минатото кое беше ладно,
нурнувам во магла на сегашноста врела.
Ми затропаа мислите под голото теме,
изгледа напразно го носам јас тој жиг.
И за да си го олеснам малку тоа бреме,
со метличка брезова млатам по тој лик.
Наложи ми ја бањата, усвити до бел жар,
од бел свет се одвикнав, има вечност цела,
да се угорам, и јас страден да имам ќар,
да ми го разврзе јазикот пареата врела.
|