POLISH
VLADIMIR VYSOTSKY'S
MUSEUM IN KOSZALIN

W Museum

ПО ПОКАНАТА ОД МУЗЕЈОТ "ВЛАДИМИР ВИСОЦКИ" ОД ПОЛСКА

Примероци од книгата "Шише во море" на Славе Ѓорѓо Димоски, која содржи есеј за големиот руски поет Владимир Висоцки, ќе бидат изложени во Музејот посветен на Висоцки во САД. Соработката со американскиот музеј доаѓа по неодамнешната покана од директорката на музејот "Владимир Висоцки" во Полска, каде што се одржа изложба во чест на овој руски поет и кантавтор, на која беше поставена и книгата на Димоски.

- Соработката со директорката Марлена Зимна одлично се оствари. Примероци од мојата книга веднаш испратив, по што добив и писмо на благодарност. Преку овој контакт се оствари и соработката со Музејот на Висоцки во САД, каде што исто така испратив примероци од книгата "Шише во море" - вели Димоски.

Директор на Музејот во САД е господинот Марк Цибулски, кој е Русин по потекло што живее во Америка. Тој, како и директорката на полскиот музеј, е биограф на Висоцки. Информацијата за есејот на Димоски, Цибулски ја вклучил во текст со наслов "Планетата Владимир Висоцки", кој зборува за популарноста на овој поет во светот.

Неодамна есејот на нашиот автор беше дел од големата постановка што во чест на Висоцки ја подготви музејот "Владимир Висоцки", кој се наоѓа во

Косзалин, град во северозападна Полска. Директорката на овој музеј упати интернет-повик во кој побара да стапи во контакт со македонскиот автор Славе Ѓорѓо Димоски заради вклучување негова книга на изложбата.

- Бев изненаден од писмото упатено до "Време" бидејќи не можев да претпоставам од каде дознал полскиот музеј за мојата книга. Сепак, ми беше огромно задоволство и чест што мојот есеј беше на изложбата. Сега се радувам што есејот ќе отпатува дури во САД - вели Димоски.

Димоски го напишал есејот по повод 20-годишнината од смртта на Висоцки, во 2000 година. Во есејот се зборува за тоа како Димоски се запознал со делото на овој поет.

ВИСОЦКИ - ГЛАСОТ НА ТИВКАТА НАЦИЈА

Рускиот актер, поет и пејач Владимир Висоцки поради социјалната и политичката сатира што ја негуваше во своите стихови беше нарекуван "гласот на тивката нација".

Роден во 1938 година, Висоцки го достигна својот креативен зенит во времето на строго регулираната советска држава и, на незадоволство на советските власти, стана незамисливо популарен кај најшироката публика, која во него го пронајде својот херој.

Дваесет и пет години по неговата смрт, Висоцки е се уште култна личност на руската сцена, креативна и општествена, сеедно.

На сцената на својот матичен театар "На Таганка" одигра многу улоги, меѓу кои најзапаметени се Хамлет и Дон Жуан. Играше и во 26 руски филма, но најголема популарност достигна со својата запишана и отпеана поезија.

Напиша повеќе стотици песни и поеми. Советските власти забранија неколку од нив, но славата на неговата поезија се ширеше по клубовите, фабриките и по универзитетите, како и низ најшироките народни маси преку илегално преснимувани копии на книги и носачи на звук, познати како "самиздати".

Тој пееше за теми како затворскиот живот во Русија ("само последниот суд може да биде полош"), за официјалната советска хипокризија, за секојдневниот живот ("долги опашки за храна, нефер-привилегии за елитата").

Неговите стихови беа жестока критика на советскиот режим и прослава на сексот, алкохолот и на порочниот живот. Умре на 42 години од срцев удар, кој, како што знаеше да рече, е последица на животниот стил со тешко пиење.

Рускиот народ го сметаше за свој пророк. "Висоцки беше Русија" е омилениот опис на овој бард. Горбачов во 1980-тите овозможи печатење на севкупната ретроспектива на Висоцки во 20 албуми.


Developed by VERY Ltd. in 2006-2016